– Протестите од здружението „За заедничка Македонија“, што ги водеа Богдан Илиевски – Бетмен, Дамовски и Дурловски, сведочеше Василевски, беа гласник на партија ВМРО-ДПМНЕ. Добивав насоки од Миле Јанакиевски, Спиро Ристовски и Кирил Божиновски, изјави Василевски.
Од 65 дена цели 55 дена бев на протестите. На протестите беше и Јовче Ременски, а од страна на Владимир Атанасовски ми беше задача да го следам него, да видам дали снима и што прави. Исто така беа следени и Зоран Заев, Оливер Спасовски, изјави сведокот Александар Василевски на денешното рочиште за организаторите на 27 април.
Василевски, на денешното судење како сведок, рече дека бил следен и политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, на кој од страна на специјален тим од УБК во неговиот дом му биле ставени камери.
– На 27 април околу 17:30 Спиро Ристовски ми се јави и ме праша како е состојбата. Се вратив во Дион и околу 18:03 со Веле Петрушевски, се упативме во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Петрушевски остана во бифе. Јас се качив на 8 кат. Таму имаше една сала за состаноци, каде ги видов Митко Чавков, Спиро Ристовски, Миле Јанакиевски, Билјана Бришкоска. Чавков ме гледаше како да ме праша што барам тука, а јас го чекав Сашо Мијалков, но тој не беше таму. Од таму беа дадени сите наредби за 27 април, изјави Василевски.
Во случајот за организирање на упадот во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се поранешниот претседател на Собранието Трајко Велјаноски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Меѓу обвинетите се и Николга Груевски и Никола Бошковски но нив ќе им се суди тогаш кога ќе им бидат достапни на органите на прогонот и откако ќе бидат вратени во Македонија.