До сабота, кога завршува вонредната состојба, постои можност за договор за датум за избори меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, изјави лидерот на владејачката партија Зоран Заев, кој на прес-конференција истакна дека двете партии пред прекинувањето на комуникацијата разговарале парламентарните избори да се одржат во среда на 8 јули, а во понеделникот и вторникот претходно да гласаат болните кои ќе се пријават за гласање.
Заев рече дека јавно ќе побара продолжување за три дена на вонредната состојба од претседателот на државата доколку ВМРО-ДПМНЕ се согласи изборите да се одржат на 8 јули.
– Евентуална промена за вонредната состојба би можело да има заради изборите, ако се постигне консензус, рече Заев на прес-конференцијата.
Ако има консензус тогаш Владата ќе може да направи измени на Изборниот законик за да може да се спроведе гласање согласно мерките и договореното.
Засега, според лидерот на владејачката партија, нема можност за одржување лидерска средба.
Доколку нема договор за избори на 8 јули или воопшто договор за избори, според Заев, по Устав и по закон е изборите да се одржат на 5 јули.