На денешната прес конференција, заедно со министерот за образование Арбер Адеми, министерот Манчевски ги промовира ваучерите за финансиска помош за дигитални обуки за лица до 29 години, како дел од третиот сет мерки на Владата.
Манчевски потенцира дека за оваа помош се предвидени 150 милиони денари во форма на електронски ваучери од по 30.000 денари кои поединците ќе можат да ги искористат за дигитални обуки и развивање на таквите вештини.
Министерот Манчевски вели дека недостасува ваквиот кадар во нашата земја, па затоа обуките ќе опфаќаат и најниски нивоа на општо запознавање, но и обуки за понапредни нивоа во областа на дигиталната сфера.
Со овие обуки, секој невработен ќе има можност да ја подобри својата шанса за вработување станувајќи поконкурентен на пазарот на трудот.
Дигиталната трансформација е неопходна, истакна министерот Манчевски
Аплицирањето за користење на овие ваучери е целосно електронски и истото може да се направи на страната uslugi.gov.mk од 19 јули.
Правните лица пак, кои сакаат да ги даваат овие услуги за обука на лица до 29 години исто така ќе можат да аплицираат како даватели на обуките, додаде Манчевски.
A. Н. С.