пишува ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Интересна реакција кај „космополитите“ предизвика мојот текст со кој зборував за расисмот на „о биџуко“ шегите. За нив, луѓето како мене се „ќосиња“, се споредуваат со груевизмот, само поради посочување на расистичка шега.
Ме нарекоа „ФБ полиција“, „цензор“ и што уште не, иако само изразив мое мислење за нечиј расизам, не им го пратив Чулев на врата.
Велат сум им бранел слобода на говор. Односно, слобода на омраза. Само затоа што ја користам мојата слобода да им кажам што прават и што мислам за нив. Пошто сме слободни, нели.
„Бранител на Спасовски“ – иако човекот досега никогаш не сум го бранел за ништо.
На секој пост каде напишав коментар, бев нападнат од повеќе коментатори, како во глутница, иако се обидов, знаејќи со кого имам работа, да држам маскимално коректен дискурс и да издржам, да видам до каде ќе се оди.
Тие што ме обвинија за цензура поради пост, дискусија и коментари, ги извадија вербалните ножеви, ги наострија забите, и се обидоа на секој можен начин да го замолкнат „цензорот“. Не со аргументи, оти ги немаат.
Нормално, се користеа сите алатки на пропагандата, менување тези, именување, правење несоодветни споредби, „а каде си ти за…“, „ и што ако…“, ама знамето, името, комуњара, слуга…само и само да се оттргне вниманието од сопствените предрасуди.
Пискотници, пиштење вриштење, како да си им гибнал во најмилото. Се почувствував како Брус Ли, у змајевом гнезду.
Да ви кажам мои лепотани и лепојки. Ама ич не ме допираат вашите плуканици, етикети, слепило, и вашиот расизам. Да. Расизам, кој го прикривате, некој повешто, некој помалку. Сум го осетил на своја кожа повеќе години. Но, сум издржал, на лично ниво сум ве победил. Пред мене не сте имале храброст никогаш да ги вадите вашите примитивни пориви, или да ми кажете во лице тоа што ви лежи на душа.
Но, тоа што вие не се осеќате, не значи дека друг не ве осеќа. Вашата надменост и арогантност, и вашето упорно инсистирање дека другите се глупи и не ве осеќаат, ве соголува дополнително.
Со ова само ме охрабривте, а јас ви ветувам дека ќе продолжам. Помина времето кога се исмевавте со „пониските“ од вас. Сега сме у втора фаза – иде време на соочување, борба на вредности и аргументи. И како што велеше Ганди, на крај, ќе ве победиме!