Денеска се хакирани официјалните фејсбук страни на двајца функционери и еден огранок од СДСМ.
Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев на својот приватен Фејсбук профил извести дека му е хакирана официјалната Фејсбук страна
-Хакирана е мојата официјална Facebook страница (Stefan Bogoev). Проблемот е пријавен до надлежните институции и Facebook. Барам итно решавање на овој проблем и враќање на страницата во функција, напиша Богоев.
Фејсбук страната на Богоев е преименувана во Fəcebook Notification Correction Reconfirm
И официјалната страна на Дарко Каевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт исто така е хакирана.
– Хакирана е мојата официјална Facebook страница (Darko Kaevski). Пријавенo e до надлежните институции и до Facebook. Очекувам враќање во функција на страната во најбрз можен рок. – пишува Каевски на неговиот приватен Фејсбук профил
Нападот продолжил како што известува Читај.мк и врз официјалната Фејсбук страна на ОО СДСМ Карпош. Таму името е променето во „Fəcebook Notification Bussiness Manager Reconfirm“.
Постојат предупредувања на социјалните мрежи да не се кликаат линковите од хакираните страни, зашто постои опасност од преземање на фејсбук профилите кои би го направиле тоа, но овие наводи не се потврдени за вистинити.
На што се должи овој очигледно оркестриран хакерски напад на неколку профили од иста политичка партија, на самиот ден од почнувањето на кампањата останува да видиме.
Ј. Ѓорѓиоски