Северна Македонија, водена од Заев, е пример за сите Балкански земји. Со храброст ги решава сите проблеми. Има голема поддршка од Италија. Благодарение на оваа храброст, Северна Македонија ќе стане членка на НАТО. Затоа дозволивме земјата да се зачлени во НАТО. Затоа на Северна Македонија треба да ѝ се дозволи да оди понатаму кон Европа. Тоа не значи веднаш влез во ЕУ, туку преку 35 поглавја во преговорите, изјави италијанскиот премиер Џузепе Контe на денешната средба со македонскиот колега Зоран Заев, во Рим.
„Италија секогаш ќе биде покрај Северна Македонија, ја поддржуваме земјата, поддржуваме одлука за почеток на преговори. Сакам на вашиот народ Зоране да му кажам дека нема да дозволиме твојот народ да се почувствува несигурен. Се работи за историска грешка која мора да ја исправиме“, рече Конте.
Премиерот Зоран Заев преку објава на својот профил на Фејсбук му се заблагодари на неговиот италијански колега Џузепе Конте за поканата да ја посети Италија.
– Му благодарам на италијанскиот премиер Конте за поканата за моја работна посета во Рим и за топлото добредојде попладнево во Владата на Италија во Palazzo Chigi. Ги негуваме и развиваме пријателските односи и соработката меѓу нашите две земји и нашите граѓани потврдувајќи дека Европа е нашиот заеднички дом, објави Заев.
Премиерот Заев по средбата со Конте во Рим, попладнево ќе замине за Брисел каде што ќе учествува на прошталната работна вечера на високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини со лидерите на земјите од Западен Балкан.
Џ.Д./ И.З.