Младата активистка од Шведска Грета Тунберг, ја одби наградата за борба за заштита на животната средба, која ја доделува Нордискиот совет, пренесе МИА.
Весникот Sydney Morning Herald пишува дека Тунберг се заблагодарилa, рекла дека е почестена од наградата, но дека во борбата против климатските промени не се потребни признанија.
Тунберг на Twitter објави дека ја одбива наградата, вредна 75.000 долари, велејќи дека наместо љубезни зборови, треба да се преземат конкретни чекори. Таа порача дека политичарите и оние кои се на власт треба да започнат да размислуваат за научните факти и да дејствуваат.
Тунберг, исто така, ги критикуваше и нордиските власти, бидејќи и покрај репутацијата која ја имаат, не презеле доволно чекори во борбата против климатските промени.
Жирито кое ја доделува наградата сметаше дека Грета Тунберг треба да ја добие оваа награда, посочувајќи дека таа носи освежување кога станува збор за заштита на животната средина и борбата против климатските промени.