Солидарноста е една од највисоките човекови вредности. Солидарноста значи компромис со сопственото време и со сопствените убедувања. Само солидарен човек е способен да посвети време и да се погрижи за потребите на другите, и само онај кој не бил солидарен не погрешил.
Солидарноста значи љубов и почит, затоа кај левичарите критиката секогаш треба да доаѓа од место на солидарност, не од место на омраза. Солидарноста е живот, а омразата е смрт. А оној кој тргнува од позиција на смрт е само обичен фашист. Бидејќи солидарноста е обратна вредност од фашизмот, фашистот солидарноста ја гледа како предавство. Таа личност ужива во растурање и распад. После распадот на еден проект, преминува на друг.
Фашистот е човек кој се претставува како чист, некомпромитиран и неговата маленка партикуларност секогаш ја претставува како универзална. Неговиот морал се претставува како универзален морал, и само преку неговите идеи за смрт и уништување на компромитираниот (најчесто тоа е солидарниот) може општеството да биде чисто, исправно и праведно.
Фашистичката личност е грандиозна и на своите дела секогаш му препишува историски подвиг. Тој човек лесно се познава по политичката реторика. Во неговиот говор, секогаш нема ништо пред него, и ќе има се после него. Тој е вешт демагог, жеден за внимание и сопствените акции ги прикажуваат како конечни и месијански. Тој човек добро го владее јазикот на омразата и секогаш зборува лошо за другите, а со суперлативи се обраќа кон самиот себе.
Фашистичката персона е празна, плашлива и лажна персона, и таа најчесто се крие под закрилата на некоја групна идеологија. Колку пограндиозна е идеологијата и името на организацијата, толку подобро за него. Тој смета дека се му припаѓа нему, и затоа фашистот не обединува, туку само разединува. Друштвата во кои тој членува се параноични, неодржливи и привремени друштва.
Фашистот својата празна партикуларност секогаш ја прикрива со театрална реторика и социјална глума. Кога фашистот зборува за неговите сојузници, тој уствари зборува за самиот себе – „Ние имаме долги коси“, „Ние носиме црно“, „Ние не носиме кравати“, „Ние се однесуваме поинаку“, „Ние ќе ве гониме“, „Ние ќе влеземе во парламент“.
Фејсбук пост на Кире Василев