пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
МИЦКОСКИ ОД ТАШМАРУНИШТА се извини за грешките на неговата партија во минатото. Се разбира, грешките во минатото ги направиле само и само тие што во сегашноста бараат тој да си оди од партијата. Веќе видено. Одиме понатаму!
ДРЖАВНАТА ДЕЛЕГАЦИЈА на Мечкин Камен, меѓу другите, ја следеа и неколку никогаш-северњаци кои сѐ уште живеат во режимското минато. Непознато е дали извинувањето на Мицкоски се однесуваше и на нив. Или нив ги координираше?
ПО МИТКО ЈАНЧЕВ, на Мицкоски удри и Ивица Коневски: „Го допре дното и уште еднаш покажа дека не си достоен за функцијата што ја вршиш. Наместо ниски страсти и фрустрации, треба човек кој обединува. Редно е да си одиш од ВМРО-ДПМНЕ”. Јанушев ништо не рече, само Тимчо е на стража. Ама и тој нешто многу тивок денеска… Со нападот, и Коневски си купи влезница во „осуденото“ минато. Од друга страна, се слуша дека СДСМ го сметаат Мицкоски за најдобар вмровски шеф на сите времиња.
ДОБРИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ на сите граѓанки и граѓани, Стево Пендаровски од Пелинце повика на граѓанско помирување. Благица Ласовска и Игор Јанушев стигнале 15 минути после сите делегации, па не го слушнале повикот на претседателот. Затоа, мислеле дека треба да останат дрски и да покажат непочитување кон празникот и манифестацијата. Но тие ѝ припаѓаат на сегашноста на Мицкоски.
И КОЊИТЕ со своите комити пристигнаа на Мечкин Камен со задоцнување, после владината делегација. Денеска немаше тепачки меѓу комитите, па заптијата го задржа кубурот во футролата. Востанието заврши. Велат, ќе продолжат во илегала, во село Горно Лисиче. Ќе го чекаат Тодор Александров…
КАКО СЕ ПОДЕЛЕНИ македонските медиуми се гледа и по тоа како известуваат за вакцината против коронавирусот. Едни пишуваат за оксфордската, други за руската вакцина…
ИЛИНДЕН СЕ СЛАВИ и на плажата во струшко Ливадиште. На една страна, на масичка од Веро, пластичен пиштол вкрстен со нож и чаршавче со зборовите слобода, смрт, Македонија и цела-да-е песни, на друга страна deep house и опуштена, позитивна атмосфера. Сите заедно, не многу загрижени за тоа што им пишува и зборува министерот Филипче.
ВО ТРНОВО Тодор Петров и компанија донесоа одлука за „раскинување на Спогодбата Димитров-Коѕијас, известување со нота за таа одлука до Владата во Атина и до генералниот секретар на ООН“, со барање „да се продолжи членството во меѓународните организации под единственото државно име – Македонија“. Ништо страшно, само ги измешале малку работите, како и секогаш.
МРАЗАЧИТЕ од познатите трол фабрики и денеска работеа, но со скратено работно време. Според планот, офанзивата ќе започне в понеделник навечер, на 3 август, ден по Илинден.
КОСМОНАУТИТЕ се вратија на родната грутка…