пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Колку и да изгледа неважен и дека не треба да му се придава значење, оваа состојба во која се наоѓа Апасиев станува благо загрижувачка. Редно е некој сериозно да се зафати со менталната и психичката состојба на ликови што се на одговорни функции во државата. Дијагнозата за Апасиев им е очигледна и на лаици. Хистеричен, неурамнотежен и непресметлив е овој лик. Постојат законски рамки според кои функционерите може да се подложат на лекарски преглед за утврдување на нивните психофизички способности да ја извршуваат својата функција.
Ако на Апасиев му треба помош, постојат соодветни здравствени установи кои ќе се погрижат да ги ублажат последиците од неговото растројство. Се разбира, доколку се утврди дека Апасиев не е во состојба на психичко растројство, тогаш случајот мораат да го преземат судските инстанции. Апасиев е или длабоко пореметен и растроен човек, кој не може самиот себеси да се контролира, или е екстремен радикал за кого веќе постојат индикации дека извршил повеќе различни противзаконски дејствија. Апасиев е клинички или правен случај. Или и двете…
Бескрајната низа лаги, клевети, вулгарности, закани и говор на омразата што ги истура во јавноста веќе со години не може да се толерираат до бескрај. Се разбира, тој не е единствен ваков лик, па затоа нему треба да му прават друштво уште неколку ликови од политичката сцена. Мета на Апасиев и таквите како него се активисти, новинари, експерти, политичари и други. Нивниот речник е грд и потпалувачки, со што може лесно да предизвикаат насилни инциденти. Со својот потпалувачки говор поттикнуваат ширење на омраза по повеќе основи, што е спротивно на Кривичниот законик.
Крајно време е да се испита деловната способност на лицето Д. Апасиев, особено затоа што тој воедно е дел од наставниот кадар на штипскиот универзитет. МВР и Јавното обвинителство имаат законска обврска итно да постапат соодветно на законите. Наставниот совет при ГДУ Штип и Министерството за образование, исто така, се повикани да постапат соодветно на своите ингеренции. Бидејќи е дел од Собранието, сега треба за него да се погрижат и собраниските комисии. Ако има лекар таму, а има, итно нека го прегледа.
Тие што го следат и му ја изразуваат поддршката на различни начини треба да размислат со кого имаат работа и во што се впуштаат кога го вбризгуваат отровот на неговото растројство во своите глави.
Несфатливи се молкот на институциите и рамнодушноста на медиумите и јавноста. Апасиев и тие како него, со години уживаат во неказнивоста, но тоа мора да престане веднаш! Што е доста, доста е!
ПС. Ова е коментар, мој личен став и вредносен суд. Не сум медицинско лице, но можам да препознам растројство. Искрено мислам дека треба да оди на преглед. Ако сака да ја злоупотреби партијата да ме тужи, нека повели, нема да му биде прв пат.