коментира: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Продолжението од конститутивната Собраниска седница на Собранискиот канал на МТВ почна со еден така непријатен уши парајуќи звук и со повеќе од пола час закаснување. Звукот кој што параше уши пред почетокот на седницата, продолжи и за време на говорите од пратениците кои се редеа еден по друг.
Многу вешто токму „незадоволниот“ Изет Меџити, го предложи Талат Џафери за претседател и редеше ловорики и параграфи од закони и што ти ја знам што не, но пораката очигледно беше да каже дека еве се е ок испеглано во редовите на ДУИ, дека недоразбирањата се надминати и има единство. Мачка ли мачка кутри Меџити, онака слично како што мачкаше претходно дури беше градоначалник на кутар Чаир.
Се јави и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ оној со обравчињата (ќе ми простите заборавам му името). Тој зборуваше за криминалите, кои внимавајте, биле направени околу патиштата и автопатиштата, па зборуваше за тендери, за винимавајте сега, за проценти зборуваше овој со обравчињава и вели дека треба да се има образ, па како не им било срам да се појавуваат. За Талат чинам збор не кажа, ама си верглаше вмровски со пизма, уште клетви што не изнакажа за до трето колено.
За прв пат излезе и Димче Апасиев. Извадив пуканките и кока-колата, чекам акција, Сандокан и Али баба во едно, или брус ли. И таман мислиш сега кога ќе се размафта со мечетата, па ќе летаат глави и крФ на сите страни, па ќе извади кубурот… тој почна да црцори нешто неповрзано. Од причина само на нему позната го спомна и Никола Димитров, и тоа во деминутив, онака како јас што си го именувам Димчета. Мора да е од милост тоа, нема друго. И врвот на првиот дел – Димче мртов озбилен сам си нагласи дека личел на Че Гевара – така му велеле другарчињата, појасни. Ама не бил тој Че Гевара (иако нели личел), наш Че Гевара бил Талат, вели Димче оти Талат од герила директ седнал во Собрание. Поентира Димче, на конфликтот од 2001 година. Таму е заглавен Димче наш, во 2001-ва. Грефче и срамче ми падна дури го слушав, ама ајде ќе му одземиме на образование, сепак нели е само доктор на правни науки, а и прв пат му е.
Потоа или пред тоа излезе пратеникот Скендер Реџепи од Алијансата и билдаше мускули за правата на Албанците како тие организирале протести и маршеви. Го спомна маршот божем за демократија што го организираа тие а немаше ни едно државно македонско знаме. Тоа со знамињата не го спомна, ама во спротивен контекст го спомна и вулгарно злоупотреби говорница за партиски, а и националистички да „поентира“ – протестот кој што беше за малиот Алмир бил протест на Албанците. Нека му каже некој на пратеникот Реџепи, дека кога беа протестите за малиот Алмир имаше и други кои учествувавме активно на секој протест, а не беа Албанци. Толку ми е глупо што морам да укажам на ова, ама пак, толку глупава беше неговата изјава…
Овие од СДСМ што реплицираа, досадни, не ги слушав.
Излезе и Гога твист. Тераше предавање некое од 1996 година. Ги потенцираше и акцентираше зборовите од реченицата каде сакаше да обрне внимани. Кажа дека не е од ВМРО-ДПМНЕ да не заборават гласачите што ја гласале, а измеѓу му го честита и внучето на Талат. Културна некоја госпоѓа, не знам оти никој не ја есапи за сериозна. Чудо големо дека била и во влада на СДСМ, а сега е во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Уствари само што рече професорката дека не била ВМРО-ДПМНЕ. Чуден народ сме ние, како да не гледаме какви трансфери се прават во фудбалот и за какви вртоглави суми. Сето тоа си е така легитимно и нормално нема што да морализираме, нели.
АнтоЊо излезе и морализираше. Еј АнтоЊо оној од Кичево цел живот што е пратеник, коса на два пати што не го трпи морализираше и укажуваше. Ама пак, си го има цело право на светот човекот, го бира народ.
Реков оние од СДСМ досадни сите редум?
Таљат зеде пауза и им ги скрати маките, а и нашите.
Ви недостасуваше ли Парламент?