Општинискиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром, односно дел од него, одлучи да се приклучи кон иницијативниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ за промена на раководството на партијата и оставка од Хирстијан Мицкоски како нејзин лидер.
„Меѓу нас има членови на ОК, претседатели на месни комитети, како и активисти. Поддршката за свикување на вонреден конгрес од ОК Аеродром е голема. Партијата е во очајна состојба. ВМРО-ДПМНЕ никогаш не било послабо. Никогаш во партијата немало ваква разединетост… Ова се само дел од причините поради кои решивме јавно да проговориме и да се обидеме нашиот глас да стигне до раководството на партијата. Раководството е целосно дистанцирано од челновите и комитетите и као да се затворени во стаклено ѕвоно. Сметаме дека одржувањето на вонредниот конгрес е единствениот начин да ја спасиме партијата која тргна кон амбис“, се вели во видео обраќањето на Јоаким Димулков, ОК ВМРО- ДПМНЕ Аердором.
На официјалната фејсбук страница, пак, на ОК ВМРО-ДПМНЕ Аеродром излезе информација од претседтаелот на ОК, Дејан Митески, кој се огради од оваа изјава, велејќи дека таа е скришум снимена и не го рефлектира ставот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Аеродром.
„Моите информации говорат дека од два обиди, скришно е снимена вчера изјавата која денес се пушта. Тоа говори дека немаат поддршка и дека целта е да се окупира јавноста со други теми додека Аеродром, Скопје и Македонија тонат… Времето кога поединци печалеа на грбот на партијата, кога името на организацијата беше злоупотребувано за лукративни цели и кога се приватизираше името ВМРО за лични цели и интереси помина. Ова ВМРО-ДПМНЕ, заедно со претседателот Христијан Мицкоски необременето со багажи и лични амбиции ќе донесе уште една убедлива победа. “, пишува Митески.
Иницијативен одбор за свикување на вонреден конгрес на партијата и поднесување оставка на Христијан Мицкоски од функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати преку прес-конференции пред седиштето на партијата се обратија до јавноста и до членството. Од ВМРО-ДПМНЕ како официјален став излезе дека не добиле барање за свикување конгрес, а од Мицкоски уште нема никаква реакција.
Б. Ј.