Цената на парното греење нема да се менува. Регулаторната комисија за енергетика одлучи и следната грејна сезона трите компании БЕГ, ЕЛЕМ Енергетика и Скопје Север кои ги затоплуваат домовите и деловните простории во Скопје да наплатуваат исти сметки како и годинава. Сепак, регулаторот пресметал дека во просек незначително ќе се намалат трошоците на граѓаните за топлинска енергија, пренесе Алсат М.
„Сметките за БЕГ, ЕЛЕМ Енергетика и Скопје Север остануваат исти“, велат од Регулаторна Комисија за Енергетика.
Компаниите кои имаат лиценца за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија имаа рок до крајот на мај во РКЕ да достават податоци за остварените приходи и трошоци за претходната година, и врз основа на тие податоци регулаторот ги утврдува за идната година цените кои треба да ги плаќаат граѓаните.