Премиерот Оливер Спасовски денес во Крушево беше дел од манифестацијата Ролер ски куп „Тоше Проески“ која прераснува во традиционална и на која годинава пристигнаа претставници од повеќе земји. Ролер ски купот го носи името на нашата најголема музичка ѕвезда, Тоше Проески.
Ми претставува посебна чест што и оваа година имам можност да бидам дел од манифестацијата Ролер ски куп „Тоше Проески“, којашто со право прерасна во традиционален спортски настан, со претставници од повеќе земји кои пристигнаа во прекрасното Крушево за да ги манифесираат и слават спортските вредности и да ѝ пркосат на заканата по здравјето со афирмација на здравиот спортски живот и навики.
Честа што ми е укажана вечерва е дополнително поголема од фактот што овој ФИС ролер ски куп го носи името на нашата најсјајна музичка ѕвезда, нашиот Тоше Проески.
Оваа манифестација секоја година нѐ собира во спомен домот на нашиот Тоше, со што овој спортски настан се облагородува од сеќавањата на неизмерниот талент и човечки вредности што Тоше Проески им ги подаруваше на сите нас.
Агенцијата за млади и спорт заедно со Скијачката федерација на Македонија, и со сесрдната поддршка на општината и организациониот одбор, за многу краток период успеаа да го издигнат ,,ФИС Ролер ски куп Тоше Проески” на ниво со останатите меѓународни манифестации во регионот, напиша во објава на својот профил на Фејсбук премиерот Оливер Спасовски.
Д. Е.