Во најновиот извештај на агенцијата „Стандард и Пурс“ e нагласено дека поставеноста на монетарната политика и мерките на Народната банка придонесуваат за неутрализирање на ефектите од пандемијата на ковид-19 врз македонската економија, како и дека банкарскиот систем останува стабилен. Во најновиот извештај на агенцијата „Стандард и Пурс“ со којшто се потврдува кредитниот рејтинг на нашата земја, „ББ-“, со стабилен изглед, одделен акцент е ставен на монетарната политика и мерките на Народната банка во текот на ковид-кризата, девизниот курс на денарот и состојбата во банкарскиот систем.
Од „Стандард и Пурс“ напоменуваат дека поставеноста на монетарната политика и мерките на Народната банка придонесуваат за неутрализирање на ефектите од пандемијата на ковид-19 врз македонската економија. Притоа, одделно ги посочуваат сведувањето на основната каматна стапка на историски најниско ниво, регулаторниот простор за одложување на наплатата на кредитните обврски и мерките за обезбедување дополнителна ликвидност во банкарскиот систем.
„Банкарскиот систем останува стабилен“ – истакнуваат од „Стандард и Пурс“. Притоа, осврнувајќи се на укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ напоменуваат дека тоа не е поврзано со ковид-кризата. Според оцените на „Стандард и Пурс“, имајќи предвид дека учеството на оваа банка во вкупните кредити и вкупните депозити на банкарскиот систем беше мало, односно под 2%, укинувањето на дозволата за работење на „Еуростандард банка“, воопшто нема да влијае врз стабилноста на банкарскиот систем.
„Стандард и Пурс“, како особено значајна ја посочуваат одлуката на Европската централна банка да овозможи Народната банка да има пристап до дополнителна девизна ликвидност во евра преку репо-линија, во износ до 400 милиони евра, доколку има потреба од тоа. Истовремено, напоменуваат дека Народната банка досега нема користено од овие средства, но располага со нив доколку би било потребно.
Според оцените на агенцијата, и покрај влијанието на ковид-кризата, македонската економија има капацитет и простор соодветно да го надмине периодот на неизвесноста креирана од глобалната криза. Во извештајот на „Стандард и Пурс“ е нагласено и дека преговорите во рамки на евроинтегративниот процес можат да придонесат за јакнење на потенцијалот на македонската економија во спроведувањето на структурните реформи.