коментира: ЏАБИР ДЕРАЛА
Реформите на националниот сервис МРТВ ќе се деблокираат, по тригодишните опструкции на вмровецот Илија Димовски кој беше претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието. Така барем изгледа по најавите на Владата на Зоран Заев и владејачкото мнозинство во Собранието, но и во Комисијата, која сега ја води Костадин Костадинов од СДСМ. Добри вести? Набрзо ќе дознаеме дали ова се добри вести или само пусти надежи.
МРТВ е еден од преживеаните бастиони на режимот во кој националистичката опозиција го имаше главниот збор и по формалниот пад на Груевски. Три години подоцна, со новата Влада и со формирањето на Комисијата која ќе одлучува за судбината на Програмскиот совет на МРТВ, се подобрија изгледите за рушењето на овој медиумско-политички мастодонт. Сѐ е подобро кога не зависи од еден Илија Димовски.
Бевме сведоци на голем број апсурди поврзани со националниот сервис. Еден од тие е кога членовите на Програмскиот совет на МРТ, чиј мандат им истече во декември 2019 година, си распишаа конкурс за членови на Надзорниот одбор. Значи, со истечен мандат, си бираа надзорен орган кој во принцип веднаш би требало да го проблематизира нивниот легитимитет, а логично и на својот. Евтина комедија која даночните обврзници прескапо ја плаќаат.
Бастионот МРТВ треба да се сруши, нема збор. Но, се чини дека се оди од опашката кон главата. Има еден друг бастион во системот, кој е далеку потежок проблем и без чие решавање, македонскиот медиумски простор нема шанси да заздрави. Тоа е агенцијата за медиуми, АВМУ, која ја води еден класичен партиски послушник и во која сѐ уште владее режимот…
Зошто Собранието, но и Владата не се зафаќаат со реформи во АВМУ каде што сѐ уште владее режимската клика на Груевски е прашање со непознат одговор. Дали се работи за толку голем проблем за чие решавање нема политичка волја, а можеби ни капацитети, допрва ќе видиме. Рушењето на бастионот МРТВ нема да ни донесе подобра медиумска слика, ако не се реформира АВМУ, која Груевски ја проектираше да биде по негова режимска мерка, на сметка на поранешниот Совет за радиодифузија. Но, за ова повеќе во следната епизода.