Владата денеска на седница треба да ги разгледува препораките од Комисијата за заразни болести и да донесе одлука за патувања во земјите од регионот, Србија, Црна Гора и Косово, без ПЦР-тестовите.
-Не сакаме да бидеме изолирани од регионот, ако регионот е отворен, тогаш треба да бидеме и ние. Мала земја сме, поврзани сме со регионот за здравствени искуства и во делот на економијата. Поприлично сме позитивни кога стручните луѓе од Комисијата даваат сугестии, но секако тие ќе бидат патување – да, без ПЦР, но само кога е најнеопходно, изјави вчера Заев по настанот со кој беше одбележан Светскиот ден на наставниците.
Посочи дека се работи за регионална иницијатива, а регионот, како што рече, е мал со приближно исти бројки на заразени.
-Подоминантно е целиот фокус на секоја од земјите да биде на личната заштита отколку на колективното поврзување. Сите сме исплашени од бројките кои растат и сакаме да ги почитуваме стручните луѓе од здравството. Албанија, Косово и Црна Гора се веќе отворени, чекаме одговор од Србија, Бугарија, додаде Заев.
Македонските граѓани во моментов од земјите во регионот можат да патуваат без ПЦР тест само во Албанија и Турција. Деновиве Грција ја продолжи одлуката до 12 октомври за копнените граници и за забраната за влез на државјани од трети земји.





