Покачена телесна температура и покачени леукоцити констатирала матичната лекарка која дошла да го прегледа малиот Илче пред да почине. Таа констатирала смрт во 18 часот пред два дена во малиот групен дом во Демир Капија, но не можела да ги утврди причините за настапувањето на смртта поради што телото е предадено на обдукција, објави Слободен печат.
Смртта на единаесетгодишното дете ги затече и вработените во малиот групен дом во демиркапиското село Корешница и целата македонска јавност, поради тоа што претходната здравствена состојба му беше исклучително подобрена откако прегладнет и напуштен од двајцата родители беше оставен на подот од семејната куќа во Охрид.
Илче не бил на никаква медикаментозна терапија, освен на таа што му ја препишала матичната лекарка поради температурата, а кога екипата на ,,Слободен печат” го посети пред месец и половина тој беше сместен во исклучително добри услови, со негувателска грижа и дваесет и четиричасовен надзор и посебна медицинска исхрана.
Резултатите од извештајот на Институтот за судска медицина треба да покажат кои точно се причините за смртта на детето кое имаше ретка генетска дијагноза поради која беше неподвижен.