– Опозицискиот центар за лаги и манипулации работи на турбо погон. Интересно! И ДПМНЕ и Левица користат исти неосновани тези за моја лична дискредитација. Дали се работи за случајност или координација нека цени јавноста, пишува на Фејсбук претседателот на Надзорниот одбор на СДСМ и поранешен министер за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Не само Антикорупциска, туку ги повикувам и Јавното Обвинителство и сите други надлежни институции да ги испитаат сите околности во врска со носењето на ДУП во Општина Тетово кој се однесува на “ШИК-Јелак”. Итно да се расчисти каква улога сум имал јас во носењето на конкретниот план. И не само ова, слободно да ги проверат сите акти кои сум ги потпишал за време на мандатот. Слободно!, повикува Сугарески.
Во својата објава, Сугарески изнесува факти за конкретниот случај и потенцира дека Министерството за транспорт и врски не креираат, ниту планираат, ниту усвојуваат урбанистички планови, туку тоа е во исклучива надлежност на општините
„Ајде сега со факти за конкретниот случај! Министерството за транспорт и врски не креираат, ниту планираат, ниту усвојуваат урбанистички планови, туку тоа е во исклучива надлежност на општините, кои имаат обврска да го планираат неизграденото градежно земјиште во согласност со интересите на граѓаните и стопанството. Единствената надлежност на МТВ е да дава согласност за усвојување на ДУП-овите откако ќе завршат сите претходни фази, вклучително и јавните расправи со граѓаните. Јас ниту сум можел, ниту сум смеел, а најмалку сум сакал, да влијаам што ќе се гради во Тетово. Моја надлежност била да ценам дали се испочитувани процедурите без да навлегувам во надлежностите на градоналалниците и советите. ТОА и само ТОА е законската надлежност на министерот. Се друго е фатаморгана!“, истакнува Сугарески.
– Најодговорно тврдам дека не е прекршен Изборниот закон и дека нападите немаат врска со позитивните законски прописи, туку се дел исклучиво на голата политичка пропаганда на опозицијата. Кога веќе имаат неформална коалиција, пропагандистите на Левица и ДПМНЕ можеле да се информираат од поранешните министри во нивните редови и за тоа за колку ДУП-ови имаат дадено согласност во период на распишани избори и за тоа кои се надлежностите на ресорното министерство за транспорт и врски. Можеби така немаше да тресат “зелени”!, објави Горан Сугарески, поранешен министер за транспорт и врски.












































































































