Универзитетската болница во Дизелдорф беше парализирана две недели на почетокот на септември оваа година. Како резултат на хакерски напад, десетици сервери беа блокирани, пациентите мораа да бидат испратени во други болници, а една жена почина. Локалните власти велат дека трагите на хакерите водат кон Русија.
Слични хакерски напади врз таканаречената критична инфраструктура – болници, електрани, аеродроми, банки – стануваат сè почести во Германија. Според извештајот на Федералната служба за безбедност за информатичка технологија (БСИ) од 2019 година, има 252 такви напади. Ова е скоро двојно повеќе отколку во претходниот извештаен период во 2018 година – тогаш имаше 145 напади. Загубата на само една средноголема компанија, која побара анонимност, изнесува 40 милиони евра.
Засега, главниот одговор на овој предизвик во Германија е да се зголемат трошењата на владата и бизнисот за кибер безбедност, т.е. заштита од идни напади со помош на софтвер. Санкции неодамна се додадени во пакетот алатки.
Во јули, Европската унија по првпат воведе санкции против хакери од Русија и Кина. Ограничувањата – забрана за влез во земјите на ЕУ и замрзнување на банкарски сметки – погодија шест лица и три организации, вклучително и структура на руското Министерство за одбрана. Санкциите против Русинот Дмитриј Бадин, кого германското федерално обвинителство го сомничи за хакерскиот напад на Бундестагот во 2015 година, случај кој предизвика најголем оддек во последните години, ја поминаа фазата на одобрување.
Зошто социјалдемократите сугерираат да не брзаме?
Заедно со санкциите, германската влада би сакала да може да обезбеди таканаречена „активна заштита“ од кибер напади, односно одмазнички хакерски напади. Поточно, ова е желбата на конзервативниот дел од владата, претставена од партискиот блок ЦДУ-ЦСУ. Предводено од лидерот на ЦСУ, Хорст Зехофер, Федералното Министерство за внатрешни работи подготви предлог-закон што обезбедува механизам за одмазднички хакерски напади.
Пред изборите за Бундестагот есента 2021 година, овој документ најверојатно нема да биде разгледан од парламентот. Прес-службата на германското Министерство за внатрешни работи за Дојче веле ја потврди информацијата на списанието „Дер Шпигел“ дека предлог-законот сè уште не е усогласен и веројатно нема да биде усвоен пред изборите.
Според „Шпигел“, причината за одбивањето на брзото донесување на законот е отпорот на копретседавачот на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД), Заскија Ескен. „Од гледна точка на меѓународното право, исклучувањето на серверите во странство би било крајно проблематично“, го цитираше списанието лидерот на СПД.
Нејзината сопартијка, членка на Бундестагот, Зимтје Мулер, која е одговорна за одбранбени прашања во СПД, во интервју за Дојче веле го нарече „избрзан“ нацрт-законот подготвен од Министерството за внатрешни работи. „Сè уште не е јасно што се смета за напад и контранапад“, рече таа. Според неа, од гледна точка на етиката, не е јасно што треба да се нападне како одговор – серверот од кој потекнува хакерскиот напад, или болница во земјата – агресорот, по принципот „око за око“. Сè уште е прилично тешко со точност да се утврди земјата од која е извршен хакерскиот напад, тврди таа. /МИА/