Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваните нерезидентни амбасадори за Северна Македонија на Летонија (со седиште во Прага) Гунта Пасторе, на Луксембург (со седиште во Луксембург) Филип Донкел и на Ирска (со седиште во Букурешт) Пол МекГери, пренесе МИА.
Како што соопшти МНР, министерот на засебните средби им посака срдечно добредојде на новоименуваните амбасадори и успех во вршењето на функцијата. Исто така, беа разменети мислења околу повеќе актуелни теми, со акцент на европските аспирации на Северна Македонија, најновиот развој на внатрешно – политичките состојби во земјата и следните чекори по октомврискиот Европски совет.
– Министерот Димитров се заблагодари за континуираната поддршка која доаѓа од трите пријателски земји за нашиот евроинтегративен процес, изразувајќи очекување дека и во претстојниот период ќе продолжат нивните гласни заложби за постигнување на консензус во Советот на ЕУ за одлука за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија, стои во соопштението.