„Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик, признат од целиот свет. Каракачанов е Бугарин кој зборува бугарски јазик признат од целиот свет“ – напиша денеска премиерот Заев на социјалните мрежи, по недоличната изјава на Каракачанов за бугарските медиуми, во која може јасно да се препознае говор на омразата.
„Етничката и идентитетска разлика не е единствената меѓу нас. Поважна и посериозна е разликата во нашите светогледи. Јас работам на доближување на ставовите околу разликите и знам дека тоа е можно само преку размена на идеи и мислења, а не преку навреди и недолични пораки. Нашите народи очекуваат исчекор кон пријателство, а не говор на омраза. Доста беше омраза! – напиша Зоран Заев.
Денеска, бугарскиот вицепремиер даде изјава за медиумите која ни оддалеку не ѝ доликува на високата државна функција која ја носи. Меѓу останатите навредливи и потценувачки ставови што ги изнесе Каракачанов, тој рече и дека „по стар бугарски обичај, на Бугаринот му доаѓа паметот следниот ден, па така е и со колегата Заев“.
Заев на тоа одговори на веќе познатиот помирлив начин и со европски манири: „Нашите народи очекуваат исчекор кон пријателство, а не говор на омраза. Доста беше омраза!“
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА