СВР Велес поднесе кривична пријава против Д.П. (54) и И.С. (67), двајцата од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „измама“, објавува МВР во денешниот билтен.
Во текот на 2009 и 2010 година двајцата донеле одлука за издавање под закуп на имотот на здружение по несразмерно ниска закупнина. Во текот на 2009 година, ова здружение основало друго здружение за истата намена, по што до МВР било доставено барање за префрлување на овластувањата. По ова, на 17/04/2010, пријавените иницирале и ја трансформирале сопственичката структура на второформираното здружение, при што се стекнале со удел од 82 проценти во основачкиот влог и со право за дивиденда.
Во текот на мај 2010, пријавените до МВР поднеле барање за овластување на второформираното здружение за вршење на технички преглед на возила, без да достават известување за промена на сопственичката структура. Исто така, пријавените, и покрај тоа што немало никакви законски, ниту статутарни основи за тоа, ја укинале дејноста – технички преглед на возила на првото здружение, поради што тоа немало приходи за да опстане.