Граѓаните имаат најголема доверба во премиерот Зоран Заев. По него следуваат останатите политичари, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, претседателот на ДУИ Али Ахмети, претседателот на Алијансата на Албанците Зијадин Села, на БЕСА Билал Касами, на Алтернатива Африм Гаши, покажува најновата анкета што за емисијата „Детектор“ на Сител ТВ ја изработи Институтот за политички истражувања, објави МИА.
Според анкетата, во Заев веруваат 14,5 отсто од испитаниците, во Мицкоски 12,1, рејтингот на Ахмети е 4,4, додека на Села три отсто. Следи Никола Груевски во кого довербата е 2,1 процент, Гаши со 0,7 отсто, Билал Касами со 0,6 и Мендух Тачи со 0,1 процент.
Вкупно 1,6 проценти од анкетираните се определиле за друг политичар, 44,2 отсто немаат доверба во ниту еден политичар, а без одговор останале 14,2 отсто.
Повеќе од половина граѓани или 50,9 отсто велат дека ќе излезат на гласање ако следната недела се организираат предвремени парламентарни избори, 24,7 ќе апстинираат, а 24,3 проценти се уште немаат донесено одлука. Притоа, за 48 отсто „Рекет“ нема да има влијание врз нивната одлука за кого ќе гласаат на изборите, но за 41,4 токму овој случај ќе има влијание. Скоро половина од граѓаните или 49,7% велат дека врз нивната одлука за кого ќе гласаат нема да влијае ниту епилогот околу датумот за старт на преговорите со ЕУ, додека 37,2 отсто рекле дека напредокот на интегративниот процес ќе им влијае на одлуката за кого да гласаат.
Анкетата покажува и дека една петина од граѓаните ќе и дадат поддршка на опозицијата ако идната недела се одржат предвремени парламентарни избори. На идните предвремени парламентарни избори 21,1 процент ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а 18,1 отсто за СДСМ. Вкупно 26,1 отсто велат дека нема да гласаат за ниту една партија, 14,7 не сакаат да кажат за кого ќе го дадат својот глас, додека 9,7 велат дека се уште не знаат.
Во албанскиот политички блок најголема поддршка ужива ДУИ. За оваа партија ќе гласаат 4,5 отсто. Според рејтингот, следна е партијата на Зијадин Села. За Алијанса за Албанците поддршка дале 2,8 проценти од анкетираните граѓани. Алтернатива на Африм Гаши има поддршка од 0,8 отсто, додека за БЕСА на Билал Касами се изјасниле дека ќе гласаат 0,7 проценти.
Меѓу институциите, најниска доверба има СЈО. На скалата од 1 до 5, средната оценка која на СЈО му ја дале граѓаните е 1,68. Скоро 57 отсто од анкетираните довербата во СЈО ја оцениле со единица. Под двојка добиле судството и јавното обвинителство. Довербата во Парламентот, пак, е оценета со 2,25, Владата со 2,33 а опозицијата со 2,4.
Претседателот и медиумите се единствените институции кои имаат средна оценка – тројка. Институцијата Претседател доби оценка 2,63 од граѓаните. На врвот се медиумите кои граѓаните ги оцениле со 2,76.
Анкетата беше спроведена од 14 до 17 септември годинава, врз репрезентативен примерок од 1.109 испитаници.