Денешната ждрепка која се одржа во Нион не беше најповолна за македонската фудбалска репрезентација, од причина што го загубивме приматот на потенцијален домаќин за финалето во Лигата на нации, пишува Дерби.
Македонија ќе игра на завршниот турнир во Д дивизијата на Лигата на нации, но денеска се дозна дека доколку го минеме Косово, финалето ќе го играме на гостински терен, или во Грузија, или во Белорусија. Победникот од оваа пресметка ќе биде домаќин во финалето за пласман на Европското првенство, но како што вели Англовски, за нас најважно е да мислиме само на полуфиналето, однсоно дуелот со Косово на домашен терен.
– Ждрепката не беше на наша страна, финалето ќе се игра во Грузија или Белорусија, но за да се пласираме таму мора да мислиме на првиот натпревар. За нас најважен е тој натпревар со Косово каде што треба да бидеме максимално подготвени. А, што се однесува до финалето, мислам дека е помалку важно каде се игра бидејќи мотивите се огромни. Или, ако немавме среќа на извлекувањето, очекувам да имаме среќа на самите натпревари – изјави селекторот Ангеловски.
Полуфиналето се игра на 26-ти март иднината година, а доколку го минеме Косово, финалето е закажано за 31 март.