Тешкиот и крајно неизвесен пат од 1.500 километри пеш до Македонија, на жената што во нашата приказна ќе ја наречеме Хамида, не успеал да ѝ го скрши духот. Напротив, со широка насмевка и срдечност нè пречека на врата во станот во Скопје подготвена да ја раскаже својата приказна.
Хамида е млада мајка на тригодишно девојче која од својата земја избегала не поради војната, туку поради втората најдобра причина, љубовта. Имено, на 15-годишна возраст, таа избегала во друга земја за да се омажи за мажот што го сака. Заедно живееле таму кога почнале немирите во нивната земја, со што им паднале во вода плановите да се вратат назад.
Без документи и со желба да стигнат до сигурен и безбеден живот во Холандија, каде сопругот има двајца браќа, заминале пешки кон Европа. Хамида во тоа време веќе е трудна, но на 23-годишната идна мајка, патот пешки не ѝ паѓа тешко, затоа што се надева на поубав и помирен живот.
Таа вели дека за да стигнат до Грција пешки платиле 2.000 евра на шверцери на луѓе, но дека патот поминал добро. Иако, спиеле покрај патиштата, на отворено, иако нозете ја болеле, а плускавци никнувале по стапалата, сепак „среќно“ стигнале до Грција. Но, за патот од Грција до Македонија не сака ни да зборува.
– Грција – Македонија, но гуд (лошо)!, – вели Хамида и врти со главата.
Таа не знае колку платиле за да преминат од Грција во Македонија, затоа што сопругот плаќал, но шверцерите (според неа од Авганистан или Пакистан) многу лошо се однесувале со целата група од дваесетина бегалци. Не ги оставале да се одморат, да преспијат. Не им дозволувале ни да јадат или да се напијат свежа вода. Постојано викале по нив, и ги терале што побрзо да го поминат патот.
Хамида со тримесечната Софи на раце, која ја родила во Грција, ја поминала грчко-македонската граница. Во еден момент се појавила полицијата, сите се разбегале, целата група бегалци и шверцерите, а таа бегајќи панично, пропаднала со ногата во дупка. Ја скршила ногата, па полицијата лесно стигнала до неа.
Од македонските полицајци е презадоволна. Тие ја пренеле заедно со бебето до кампот за бегалци кај Гевгелија, но лекарите кои таму ѝ укажале помош рекле дека не можат да ѝ ја имобилизираат ногата. Затоа со болничко возило ја однесле во болница во Скопје, од каде ја сместиле во безбедна куќа.
– Таму ми го гледаа детето, пет дена, јас само спиев, бев преморена – вели Хамида користејќи македонски, англиски и мајчин јазик, но најмногу објаснувајќи со гестикулации.
Во куќата почнала да учи македонски јазик. По три години Хамида сè уште е во Македонија, а последните осум месеци живее во стан во една скопска населба, заедно со друга мајка – бегалка и нејзините деца.
Хамида работи во центар кој згрижува деца во Скопје. Секој ден оди таму по неколку часа, да исчисти откако децата заминуваат, да ги собере играчките, моливите, боичките, хартиите… Таа е една од ретките кои добија азил во Македонија.
Додека Хамида била во сигурната куќа, не излегувала надвор. Пријателки ѝ биле другите жени сместени со неа, но и хуманитарните работнички кои се грижеле за неа и за Софи.
– Не сакав излегувам, а можев – вели Хамида на лош македонски јазик. – Мене не гледаа како другите – додава и покажува на нејзиното лице.
Вели дека се плашела од луѓето кои ја гледале како странец и закана, иако не знае зошто. Но, не ѝ биле пријатни прашалните погледи на луѓето, кои штом ќе слушнат дека едвај зборува македонски донесувале заклучоци за неа, па ја избегнувале.
– Откако дојдов тука, во овој стан, почнав да шетам со Софи во околината. И тука не гледаа добро моето лице – се смее Хамида, но со време се навикнала на тоа.
Хамида има учено само шест години, но вели дека ништо не ѝ влегувало во главата, не била многу по учењето, а и не сакала да оди во училиште затоа што во нејзината родна земја е нормално наставниците да ги тепаат учениците.
Сега, се надева дека ќе замине за Холандија. – Наскоро – вели Хамида. Сопругот веќе заминал од Грција во Холандија кај неговите браќа. За тоа платил 5.000 евра да може да отпатува со авион. Хамида чека да ѝ ги комплетираат документите дома, да ги пратат до Македонија, па кога ќе ги разгледаат властите, да може да замине за Холандија.
Дома има мајка, татко и сестра. Другата сестра живее во друга држава. Вели дека кога има можност се слуша со нив, но во околината на нејзиниот дом, постојано се пука, па често комуникациите се прекинати. Вели дека пред војната имале пристоен живот, не биле екстремно богати, туку средно ситуирано семејство. Таткото бил трговец, имал продавница на мало, додека мајката била домаќинка.
– Кај нас, жените не работат – вели Хамида и се смее весело. Сега никој не работи затоа што е војна.
Ако стигне во Холандија би работела што било, макар и истата работа што ја работи и во Македонија, но лицето ѝ го огрева насмевка, кога предлагаме да работи како готвачка. Нејзината гостопримливост потсетува на гостопримливоста на македонските жени. Штом стигнавме, Хамида веднаш потрча да принесе овошје, кикиритки и сок.
Стоеше со чинијата овошје во раце и пред да искоментирам, сама ме праша: – Се чудиш зошто има и моркови? Кај нас тоа е вообичаено – вели Хамида, оставајќи го овошјето (мандарини, портокали, јаболка, банани и моркови) на масата.
Вели дека во Македонија ѝ е многу добро. Се чувствува безбедна, задоволна е од животот, особено од овој септември, кога и Софи почнала да оди во градинка, каде веќе стекнала повеќе другарчиња, а воспитувачките ја обожуваат.
Државата плаќа закупнина за станот, режиските трошоци, месечен билет за јавен транспорт… Зема плата за работата во дневниот центар, но прашува: Како живеете со 200 евра плата? Тоа е малку.
Доколку сопругот ѝ бил тука, таа би останала, но сега погледот ѝ е свртен кон Холандија, кон повторната средба со него. Се радува на помислата Софи да го запознае својот татко.
Луѓето од населбата коментираат дека не сакаат бегалци во близина. Револтирани се што ете, државата ним ѝм плаќа стан, сметки, ѝм наоѓа работа, а нас, македонските државјани, не остава сами да се снаоѓаме како знаеме. Некако не сфаќаат дека никој не бега од арно. Се плашат од различните од нив, па подзабораваат на гостопримливоста со која се гордееме како нација. Најмногу се плашат од болести кои не знаат ни да ги именуваат, а кои можеби би стигнале заедно со бегалците, незнаејќи дека во секој прифатен центар каде ќе стигнат бегалците се прегледуваат и ги вакцинираат.
Билјана Богдановска