Независната пратеничка Емилија Александрова на третото денешно продолжение на седницата за Законот за јавно обвинителство му порача на пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, да ја напушти и да ја ослободи партијата.
Според неа, со неговото однесување тој само ѝ нанесува штета.
Александрова смета дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се давеници кои се обидуваат да се спасат. По ова координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски почна да ѕвони на ѕвончето на претседателската маса.
-Овој закон го направивте ваша лична борба. Ја направивте партијата заложник. Со кое право го правите тоа колега Милошоски? Многу луѓе веруваат во партијата, но за жал многу од нив завршија во затвор и сега вие сте патриотот, а тие предавници. Колега Антонио Милошоски, напуштете ја партијата, ја заробивте. Вие немате никакви аргументи против овој Закон за јавно обвинителство. Ја заложивте партијата во која сте само поради привилегии. Ја искрививте мојата слика за тоа како треба да изгледа еден политичар – рече Александрова.