Пленарната седница за законот за Јавно обвинителство изгледа и денеска ќе биде маратонска и не се знае дали и денеска законот ќе биде изгласан.
За збор се пријавиле 38 пратеници, од кои освен двајца, сите други се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Денешната седница почна и со паузи. Не цели 30 минути откако почна продолжението на седницата, ВМРО-ДПМНЕ побара на седница да присуствува и министерката за правда Рената Дескоска, и да образложи зашто законот кој ќе стапи на сила после четири месеци се донесува по брза постапка.
Заради ова барање, претседателот Талат Џафери даде пауза од еден час. Пред неколку минути пратениците се вратија во сала и дискусијата продолжи.
Претходно, министерката за правда Рената Дескоска се огласи со коментар на „Фејсбук“ и напиша дека за да се заштеди на време, одлучиле таа и пратениците од СДСМ и коалицијата да не се јавуваат за збор.
„Очигледно е дека дел од стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ е меѓу другото триесеттина од нив да се јават за реплики на мојот говор и тоа би значело дополнителни 2,5 до 3 часа со реплики и контрареплики. Затоа одлучивме ниту јас, ниту другите пријавени пратеници од СДСМ и коалицијата да не се јавуваме за збор, со што заштедуваме најмалку 8 часа дебата по нашите говори.
А.Зеќири