Хрватското претседателство со ЕУ предлага следната недела да биде донесе одлука за започнување преговори за членство со Северна Македонија и Албанија, а првите меѓувладини пристапни конференции да бидат свикани веднаш по усвојувањето на преговарачката рамка.
Ова стои во Предлог заклучоците на Загреб за средбата на Советот за општи работи на ЕУ што ќе се одржи на 24 март, во кои увид имала хрватската новинска агенција ХИНА.
Според ХИНА, се очекува министрите за надворешни работи на земјите од Унијата да ги прифатат овие заклучоци, од како претходно за нив ќе се разговара на ниво на амбасадори на членките на ЕУ.
Текстот на заклучоците мора да биде едногласно поддржан од сите земји членки, поради што се можни измени во предложениот нацрт пред неговото усвојување. Оваа одлука, доколку биде донесена од Советот на министрите, треба да ја поддржи и Европскиот совет, односно шефовите на држави или влади на членките на ЕУ, на Самитот закажан за 26 и 27 март, наведува хрватската агенција.
Според предлог заклучоците, Советот за општи работи треба да ја повика Европската комисија да предложи нацрт рамка за преговори со двете држави што е можно побрзо, а најдоцна до јуни годинава.
Согласно правилата на ЕУ, преговарачката рамка треба да биде поддржана едногласно од сите земји членки на блокот, што е предуслов за свикување на првата меѓувладина пристапна конференција со што официјално започнуваат преговорите за членство.
Официјални претставници на Постојаната мисија на Хрватска во ЕУ во изјава за ХИНА не сакале да ги коментираат предлог заклучоците, велејќи само дека и покрај сегашната криза предизвикана од пандемијата на корона вирусот, тие интензивно работат и на други прашања, како проширувањето на Унијата, што е еден од приоритетите на хрватското претседателство со ЕУ.