Додека пандемијата на коронавирусот ги принудува компаниите да ги затворат своите канцеларии низ целиот свет и сѐ повеќе држави воведуваат строги мерки за заштита и вонредна состојба, гејминг индустријата бележи невиден пораст.
Луѓето сè повеќе се свртуваат кон видео игрите за да го поминат времето, но и да комуницираат со пријателите и семејството со кои не можат да се сретнат во деновите на социјалното дистанцирање. Телеком Италија веќе со денови се соочува со големи преоптоварувања на мрежата, бидејќи сѐ повеќе луѓе се свртуваат кон гејмингот.
Компаниите што креираат и продаваат видео игри бележат вртоглав пораст на корисници, а тоа значи и пораст на профитите. Тој тренд се очекува да се задржи и во иднина. Додека бројни индустрии доживуваат сериозна криза, а светот влегува во рецесија, индустријата на видео игрите расте. Со оглед на тоа колку гејмингот е привлечен за сите генерации и ги обединува луѓето од сите можни заедници и припадности, се очекува гејминг индустријата да бележи раст и по крајот на пандемијата.
Вонредната состојба во многу држави се совпаѓа со нови, подобрени верзии на голем број легендарни видео игри на светскиот гејминг пазар. Така, деновиве имаме промоции на нови верзии на повеќе игри како Call of Duty: Warzone, Doom Eternal, Animal Crossing: New Horizons и низа други.