пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Јас би рекол дека во времето на короната Македонија функционира на начин кој беше тешко да се замисли во пред вирусната ера (п.в.е). Од смената на власта во јавниот дискурс доминираше тезата дека Македонија е една тотално пропадната држава која ја има загубено сета своја функција и смисла. Беше формирана слика на држава која секој момент може да се распадне без каков било надворешен притисок.
Држава која што се беше била откажала од своите граѓани и граѓаните кои се беа биле откажале од својата држава. Неверојатен консензус. Инвазијата на короните во најава ги засилуваше тие проекции во чиј фатален исход луѓето се повеќе веруваа, а некои почнаа, дури, и да го посакуваат. Министерот за здравство кој малку подоцна ќе израсне во Мик Џегер на македонските Ролингстонси, премиерот Заев, комплетната влада, сдсм, специјално, беа претставувани како последни шајки во ковчегот на рахметли Македонија. Не знам дали сте го гледале филмот во кој Никлас Кејџ е трговец со оружје, сцената во која неговиот авион полн со оружје и муниција слетува во некоја африканска пустелија и тој мора итно да го напушти. Околните селани за миг го разглобуваат и го разнесуваат по дома. Македонија ми изгледаше како тој авион, а Кикифрики и останатите домашни селани и сељаци, си ја вршеа работата.
Се сеќавате, не?
Тешко е да се каже дали заразата успеа да ги мобилизира сите капацитети на коматизираната држава во претставите на голем дел од граѓаните и селаните, дали опасноста ја крена од мртвите и таа во судирот со смртниот непријател почна да покажува дека “јоште Маседонија ни замрела”, дека е прилично здрава, кондиционирана, жива, со функционални системи, со доктори, со медицински сестри, со штабови, со луѓе, со опрема, со знаење, со стручњаци, со солидарност, со сочувствителност, проследени со не мали дози на сенародната распојасаност, недисциплина и неодговорност, но, општо земено, на прилично високо ниво, не многу или воопшто не, под нивото на многу други поразвиени земји.
Филипче ги собра сите аплаузи, се разбира, тој се појави во улогата на фронтмен, но целата држава успеа да врати поголем дел од загубената верба во себе. Во услови на деликатна политичка капацитираност, без собрание и со техничка влада и опозиција која ем е во владата ем се однесува бокохарамски. Има и две други претпоставки: едната е дека кризата и овозможи на Македонија да покаже дека и покрај сите слабости, не го заслужува нивото на катастрофичноста и злобата на кои беше изложена од многу свои граѓани и второ, дека кризата, можеби, покажа дека во таканаречените нормални времиња, всушност, Македонија не е сосема нормална.
Како и да е, еве го, се ближи крајот на оваа драма. Вирусот како да папсува, се наждра белодробно месо северџанско, виде дека со Македонија не може да излезе на крај, прпа му е од најавените вакцини и лекови, заборави дека неговата инвазија се паѓа во времето на Христовото воскресение, дека тука некаде му е Сталинград и Курск, дека и по таа линија може да наебе и така, се гледа дека се пакува, а ние сме влезени во период на благо смирување на тлото по големиот и разорен земјотрес, така би рекле сеизмолозите.
Македонија ќе излезе од кризата со две-три добри работи, многу добри и многу важни во принцип и за сите времиња, но особено важни за соладување на многуте тешки последици од разорната вирусна агресија.
Првата позитивна работа е рехабилитираната држава, рехабилитираната идеја и смисла на државата. Тоа е многу важна работа. Општеството не сме да си дозволи тоа ниво на верба повторно да му го загрозат тие што вербата му ја уништија многу пред короната, популистите, шарлатаните, злосторниците, плус- минус, групацијата на вмро-дпмне и околу вмро, но и во некои други сектори. Или општеството ќе ги култивира и интегрира според своите критериуми на нормалноста или ќе ги маргинализира и елиминира.
Или ќе умре, се разбира, тоа опција секогаш е присутна.
Втората позитивна ствар е интеграцијата во НАТО и почетокот на преговорите со Европската унија. Тоа ја става државата во нов неспоредливо поповолен контекст. Независно од тоа што и двете наднационални формации ќе мора да се адаптираат на критериумите на посткризниот период, тие без сомнение ќе останат важни меѓународни фактори. Јас се надевам дека членството, односно преговорите ќе влијаат врз спуштање на конфликтното ниво во Македонија и врз темпото и моделите на економското заздравување.
Допрва ќе се сумираат штетите од економското цунами што го предизвика ковидот 19, но уште сега е јасно дека последиците се страшни. Заев говореше за дупка од две милијарди евра. Сега таа рупетина сигурно е уште поголема. Можеби е еднаква на годишниот буџет на државата. Како тоа ќе се закрпи, не е многу јасно. Кредити, стегање на ременот, социјални жртви на сите, ќе видиме. Како ќе се рехабилитира работниот статус на илјадници луѓе кои останаа без работа. Како ќе се совладува социјалното незадоволство, како воопшто ќе се менаџира посткризната состојба односно како кризата со вирусот да не се трансформира во економска и социјална криза од огромни размери. Верувам дека на тоа прашање треба да се обедини науката слично како што на темата за вирусот се обедини здравствениот систем. Не е срамно, дури би рекол дека е добро да се бара помош од надвор. Зашто, нема да биде проблем само затворање на финансиските калкулации, туку потребата од отворање на нови видици за економијата низ нови форми, нови бизниси итн. Можеби повеќе отколку пари ќе бидат потребни идеи, а ние на тој план не сме најсилни.
Многу е важно во нормализирањето на животот и економијата да влеземе час поскоро со разумно калкулирање на сите ризици, значи без пребрзување.
И втората работа е политичкото водство.
Тоа е проблем во целиот свет.
За Македонија ќе биде добро ако до крајот на јуни успее да организира избори односно ако пред летото успее политички и институционално да се консолидира.
Не знам дали кризата ќе нѐ рационализира или ќе нѐ хистеризира. Ако нѐ рационализира, ќе знаеме политички да ги хонорираме историските подвизи на надворешнополитички план кои се истовремено подвизи, односно основи на внатрешната консолидација, тие работи се најтесно поврзани, мислам членството во НАТО, отворените перспективи за членство во Унијата и внатрешните статуси и перспективи на Македонија. Се надевам дека во тој случај луѓето ќе знаат да ја хонорираат и оваа епска борба против короната, таа, се разбира не е партиска, ниту е битка на поединци, но, сепак, две работи се знаат: победоносниот профил на таа битка ја диктираше, штабот, владата, главните актери, министерот за здравство, премиерот, не само против болеста туку и против бесрамното поведение на главната опозициска групација, преку ширење на лажни вести, хаос и паника, со очигледно спонзорство на странски сили, отаде границата на велепредавството. И, обратно, општеството може да се хистеризира и да фати да ја довршува работата што короната очигледно нема да успее да ја заврши.
Убаво би било новото водство на државата да има што е можно поширока политичка и народносна основа. Обновата на земјата не може да биде работа на една партија. Но лидерство мора да има. Просто, такви се правилата. Што се однесува на вмро-дпмне јас се надевам дека под развојот на ситуацијата меѓу другото и во врска со срамното поведение во коронската криза, ќе ги натера да се трансформираат во нормална политичка партија а тоа значи да се ослободат од идејата дека тие треба да ја ослободуваат и пресоздаваат Македонија. Таа работа е завршена. Да повториме: Интеграција или елиминација. Сегашниот статус на вмро-дпмне е неодржлив. Огромни промени се нужни и во сдсм, сигурно и на комплетната политичка сцена, но јас верувам дека ова ќе бидат приоритетите: нормализација или елиминација на вмро и модернизација на сдсм.