Десетици полицајци се распоредени пред болницата „8 Септември” во Скопје по пријава од докторка која добивала закани од роднини на лице кое било хоспитализирано во ковид-центарот, пренесува Нова Македонија.
Пред болницата има пет полициски возила и едно полициско комбе, како и униформирани и неуниформирани полицајци.
Полициските службеници веднаш интервенирале пред болницата и роднините на починатиот се очекува да бидат спроведени во полициска станица.
„Станува збор за закани кон лекарка, лицата се обезбедени, Единицата за насилен криминал работи во моментов на случајот“, велат од МВР.
Според информациите од болницата, пациентката која починала била на возраст од околу 60 години, била примена во тешка состојба пред околу една недела, а пред 4-5 дена била поставена и на респиратор.
Група од 10-ина роднини денеска биле во болницата, сакале да го земат телото и да го однесат на обдукција, а здравствените работници им ги објасниле протоколите во кои доколку семејството бара обдукција, тогаш за да се спречи зараза, телото до патологија го пренесува погребно претпријатие. Кога тие почнале да негодуваат и да се закануваат, обезбедувањето повикало полиција.
.