На нов Јутуб канал е прикачена снимка со назив „Заев зема рекет од 6 милиони евра!“ како неуспешен обид да се обвини претседателот на СДСМ за рекет од 6 милиони евра, но оние кои го објавиле видеото најверојатно пропуштиле да го преработат делот каде според нив Заев вика „важи“, а всушност вели „марш“.
Во кратката снимка се слуша Заев како збори за Васко Димишков, брат на судијката во Основниот кривичен суд, Весна Димишкова.
Во еден период се појави овој Васко, на Димишкова брат ѝ. Совети ми даде, што да правам, бара пари. Значи и он ќе рече 6 милиони евра, 6 милиони евра. Викам марш, јас влегувам во оваа работа, вели Заев во снимката.
На видеото, лидерот на СДСМ, Заев вели „марш“ а во транскрибираниот текст е пишано „Важи, јас влегувам во оваа работа“, што оддава впечаток дека аудио снимката е монтирана и по грешка е оставен делот со „марш“.
Стигна реакција и од Социјалдемократскиот сојуз, каде, меѓудругото се вели „ДПМНЕ во очај, конечно цела јавност гледа како звучи сечено-лепено. Во очаен обид да исценира некаков скандал во белиот дворец до толку се занеле во сечењето што на крајот заборавиле да го исечат она Марш од претседателот Заев во разговорот.“