Најголемиот агрегатор на вести во земјава и главна страна за информирање на граѓаните, тајм.мк вчеравечер беше под хакерски напад, а откако беше неодстапна во текот на речиси целата изборна вечер, на страната се појави слика со порака од хакерската група Анонимус, но со симболот „Вергина“.
Поминаа уште едни „демократски избори“ и како што може да забележиме истата приказна е секои 3-4 години само што овој пат „село гори, баба на избори оди“. Ама што да правиш кога гласачкото тело е еден огромен паразит што гледа само да цица од државна ци*ка додека е заведено од празните ветувања на сите партии во оваа наша прекрасна држава, пишува во дел од пораката која осамна на страната на тајм.мк.
Во пораката, хакерите ги навредуваат гласачите, но и професори и интелектуалци кои влегле во политика.
Игор Трајковски од тајм.мк, на својот профил на Твитер пиша дека досега страната не била цел на волку агресивен сајбер напад и вели дека „некој фрлил многу пари за да го прави ова“.
Досега cloudflare блокираше 3М ip адреси. Уште нови се појавуваат. Ваков DDOS до сега не сме имале. Некој фрлил многу пари да го прави ова.
— Igor Trajkovski (@mkrobot) July 15, 2020
И претседателот на ДИК, Дерковски вчера на прес конференција соопшти дека интернет страната на Комисијата најверојатно е цел на „надворешен хакерски напад“ откако истата не беше достапна од завршувањето на гласањето, па комисијата импровизирано ги пренесуваше резултатите на Јутуб каналот.
Инаку, до утринава, според ДИК, преработени се над 93% од гласовите.