Ученици Роми од Делчево добија таблети за следење он-лајн настава. Како што информираше Ермина Реџепова од Ромскиот културно-едукативен центар Тернипе МК, организација преку која се реализираше активноста во Делчево, технички помагала добија 15 ученици од деветолетката „Ванчо Прке“.
-Таблетите ги доделуваме во соработка со невладината „Сонце“, при што со поддршка на Ромскиот образовен фонд денеска им ги поделивме на учениците Роми од основното образование во Делчево, кои ќе им послужат да ја надополнат он-лајн далечинската настава, рече Реџепова.
Претставникот на Ромскиот образовен фонд, Сенад Мустафов истакна дека ваквата пракса ќе продолжи и во средните училишта, за што од Ургентниот фонд веќе се обезбедени средства во висина од 100 илјади евра.
– Од следната недела почнуваме со доделување таблети во средното образование. Од септември ќе долуваме таблети и за предучилишното образование додека за студентите Роми кои се на студии на Универзитетите во Р.С Македонија се доделени 35 таблети, рече Мустафов.
Преку останати проекти, како што додаде Мустафов, Ромскиот образовен фонд освен таблети со вклучен интернет сообраќај има доделено и учебни материјали, хигиенски пакети и храна во 15 општини во Македонија.