Скопјанец заврши во притвор поради сомнеж на полицијата за сторено кривично дело „убиство“. СВР Битола соопшти дека кон крајот на јули во околината на селото Долно Дупени, Ресен, полицијата пронашла череп и остатоци од човечки труп. Истражните дејствија покажале дека смртта била насилна, а делото било сторено на 30 јуни годинава.
„Пронајдените остатоци од телото се подигнати и по наредба на ОЈО Битола и се предадени на Одделението за судска медицина при ЈЗУ Клиничка болница Битола, каде беше извршена обдукција. Се утврди дека смртта била насилна со испукување проектил од огнострелно оружје во пределот на задниот дел на главата. Извршена е и идентификација на жртвата, и се утврди дека се работи за лицето М.А. (53) од околината на Скопје. Како сторител на делото е осомничено лице од Скопје“, соопшти СВР Битола.
Врз основа на резултатите од истрагата Основното јавно обвинителство – Битола побарало, а судија на претходна постапка одобрил притвор за осомниченото лице.