Градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски, на својот Фејсбук профил денес извести дека се започнува постапка за укинување на наплатата и на основниот паушал на родителите за месеците април, мај, јуни, јули и август, повика на солидарност од сите институции и најави нови реконструкции и зафати во наредниот период.
“Одговорни институции за сите!
Започнуваме постапка за укинување на наплатата на паушалот за периодот од април заклучно со август за сите деца во нашите детски градинки!
Во оваа ситуација после повеќе консултации со раководствата на двете детски градинки и претседателот на советот, како Градоначалник денес од управните одбори на градинките барам според редовната процедура да се отвори постапка за укинување на наплатата и на основниот паушал на родителите за месеците април, мај, јуни, јули и август. За потсетување овој основен паушал се наплаќал секогаш во летните месеци во претходните години.
Ако бараме солидарност мораме да знаеме дека Општина Штип ќе биде првата институција која ќе биде солидарна во нашиот град, заедно со градинките и останатите институции.
Со овој потег уште еднаш покажуваме на дело дека се грижиме за потребите на граѓаните, се солидаризираме, помагаме.
Постапката ќе започне денес со мој предлог до управните одбори на двете детски градинки, а ќе продолжи во Советот на Општина Штип. Убеден сум дека ваквата одлука брзо ќе ги помине сите филтри со цел да им помогнеме на граѓаните.
Ова е трошок кој тешко се надоместува, но сметам дека ние имаме капацитет да го сносиме овој предизвик со домаќинско и мудро работење. Според проценките се работи за средства во висина од 2,8 милиони денари.
Целосно сум задоволен од работата на директорките кои во моментот активно работат на отворање на детските градинки од септември почитувајќи ги протоколите од Комисијата за заразни болести, подготвени да ги прифатат дечињата.“
Покрај најавената постапка за укинување на наплатата и на основниот паушал, Бочварски ги потсети граѓаните за веќе реализираните проекти, и најави нови реконструкции и зафати во следниот период.
„Во делот на предучилишните установи за потсетување изградивме и ја пуштивме во употреба новата детска градинка во населбата Сењак во вредност од речиси еден милион евра, а направивме реконструкции во сите останати објекти во градот, за најубави и најсреќни детски денови на дечињата од нашата Општина.
Секако се подготвуваме и за нови реконструкции и зафати во наредниот период.
Ова е уште една од низата мерки како помош за граѓаните во овие услови на пандемија.
Барам ваквата солидарност да ја продолжиме заедно со сите вас граѓаните затоа што поддршката ни е потребна од секој поединец. Продолжуваме заедно сплотени и единствени.“, порача Бочварски на својот профил.