пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
АКО НЕШТО МОЖЕ да биде долно и кукавички, тоа е злоупотребата на мртвите за дневни политички цели и сопствена промоција. Убаво си молчеше 3-4 дена со своето скелетче сместено во пратеничката функција. Но одвратното фашистче не додржа, па ја покажа сета своја „академска“ пристојност и достоинство, па почна да пцуе како кочијаш, чепкајќи по раната на оние што се сеќаваат на мртвите. Тој не е срам само за своето семејство, универзитетот каде што продава магла и врбува млади, за партијата и за значењето на името на партијата што ја украде… Не, тој сега е национален срам, бидејќи е дел од највисоката институција на демократијата во нашата земја. Мрсулини!
АКО ЗБОРОТ Е ЗБОР, функционерите во наредниот мандат, нема да имаат комоција да се богатат врз грбот на граѓанките и граѓаните. Кој е искрен во намерите да го обезбеди тоа, а кој се „шверцува без билет“ се гледа од авион. ЦИВИЛ веќе година дена чека на одговор за Иницијативата за укинување на привилегиите на функционерите, вклучувајќи ги и оние што земаат мрсни (л)апанажи и доживотни пензии. Оваа година е време кога ќе пристигнат одговори. Некои од нив дефинитивно ќе бидат во облик на судска покана, упатен акт за затвор… Да не заборавиме, некои веќе се таму, а некои се на пола пат… Правда, сепак, ќе има!
АЛТЕРНАТИВА која своевремено се одметна од Беса е денешната тема на Gazeta.mk. Откако пукна балонот на Тетова Сот дека ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ пружиле коалициска рака, денеска на ред е Африм Гаши кој, наводно, ќе се одметне сега и од Алијансата за Албанците, само да не го гледа својот довчерашен партиски колега во власта. Се разбира, сето тоа мора да се прими со сериозни резерви, бидејќи веќе видовме како функционира шемата со лажните вести. Кога интернет порталите на албански јазик први ги пренесуваат куртон порталите на вемерето, нешто сигурно не е в ред. Таман и по грешка да напишат нешто точно.
ВМРО-ДПМНЕ бара од Заев да каже кој ќе биде премиер. Треба ли коментар на ова? Треба ли?
АЛБАНСКИТЕ ПАРТИИ не се поднесуваат меѓусебно. Сега, кога имаат можност сите заедно да станат дел од едно големо проевропско мнозинство, некои од нив покажуваат дека имаат „малку“ поинакви планови и интереси.
НЕ ГРИЖЕТЕ СЕ! До 2117 година, ќе имаме прва колонија на Марс. Сакам да кажам, човечкиот род…