Епидемиолошката состојба во државата со ковид-19 е стабилна, со благ тренд на намалување на бројот на пациенти, вели првиот човек на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, во изјава за „360 Степени“.
„Гледајќи го периодот јуни, јули и август се добива впечаток дека имаме лесно намалување од десетина проценти на вкупниот број на дневно регистрирани случаи, ако се земе период од осум недели. А она што го гледаме во последните две недели е намалување на бројот на заболените лица, што донекаде доаѓа до 20 отсто “, вели Караџовски.
Караџовски вели дека новите случаи на заболени од ковид-19, според информациите од Центрите за јавно здравје во земјава, во голем дел се поврзани со собири и настани на кои се прекршуваат мерките за заштита. Уверува дека новите кластери се следат и се контролираат, но апелира граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита за да не се ризикува состојбата да се влоши.
На прашањето што очекува во иднина, шефот на Комисијата за заразни болести вели дека системот е подготвен и за најлошо сценарио.
„Има розово сценарио, жолто, црвено и црно сценарио. Да не испаднеме дека ние сме пророци и предвидуваме што ќе се случи, ние како секоја нормална институција мора да размислуваме за добро, средно добро, просечно, лошо и многу лошо сценарио. Во моментов сме во жолто сценарио, имаме број на заболени, но го држиме под контрола. Состојбата не е влошена“, вели Караџовски за „360 Степени“.
Како ќе се разликува грип од ковид-19?
Меѓу ризиците кои може да ја искомплицираат епидемијата е очекуваната сезона на грип и други респираторни заболувања. Затоа, ќе биде многу важно да се прави разлика меѓу ковид-19 и другите заболувања.
Според Караџовски, со првиот предизвик, докторите ќе се сретнат веќе на крајот на октомври.