Трагедијата на семејството Димитриевски и пресудата за овој случај, се претворија во инструмент за партиски препукувања, пренесе ТВ24.
„Бараме целосна ревизија на судската пресуда за оваа сообраќајна несреќа со смртни последици. Ревизијата е нешто што најмалку може да се спроведе во моментов и да се истера правдата на виделина, а ожалостеното семејство едноставно да добие на некој начин правда на своја страна. Иако имаат огромна загуба“ – рече Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Новиот министер за правда Бојан Маричиќ вели дека критиките на граѓаните се причина за проветрување во правосудниот систем.
„Без да ја коментирам пресудата, за да нема мешање на извршната во судската власт, можам да кажам дека тоа што граѓаните се сомневаат во дел од пресудите е најсилниот мотив за прочистување на судството кое ќе биде спроведено во нашиот мандат, заедно со иницијатива за проверка на случаите каде има непостапување или лошо постапување на надлежните. Само така може да се врати довербата во судството и правниот систем“ – вели Бојан Маричиќ за 360 степени.