Ќе се работи на развивање на системска алатка за следење на парите и капиталот на функционерите и граѓаните, за да може да се превенира незаконско зголемување на имотот за време на остварување на јавна должност, изјави на денешната прес-конференција вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
– Ќе иницирам процес на редовно координирање на сите надлежни институции. Тоа ќе биде мојата клучна и главна улога. Координативна улога, која досега ја немаше и која отсега треба да даде видливи резултати во борбата против корупцијата. Тоа се МВР, Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разознавање, Царинската управа, УЈП, инспекторатите и целата извршна моќ и институции кои имаат надлежност и обврска, и кои се платени од граѓаните да се борат против криминалот и корупцијата неселективно без оглед за кого станува збор, изјави Николовски.
Посочи дека мора да има отворена меѓуинституционалан координација за да има резултат и дека мора на дневно ниво да се координираат овие инстутуции за да соработуваат и даваат резултати.
– Мојот мандат не е да создавам паралелен систем на она досега. Ние ќе бидеме нивниот сигурен и стабилен партнер, што ќе биде од помош со оваа координативна улога. Заедно со меѓусебна координација и соработка, со многу работа, неселективно, со чесен и одговорен пристап пред сите генерации можеме да постигнеме позитивни и значајни резултати, изјави Николовски.