Еден од столбовите на нашата програма е кратење на бенефициите и привилегиите на функционерите. Секој од нас е дојден овде за плата и треба да одработи за граѓаните. Како што јас сум можел да не користам службена картичка како министер и ништо да не ми фали, може и секој функционер од централно до локално ниво, изјави на денешната прес-конференција вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
– Мора да имаме чесни и одговорни, и искрени кадри кои се решени и посветени да одработат за доброто на граѓаните. Кои се платени со плата да одработат и испорачаат резултат. Тука не мислам само на министерствата, туку мора да отидеме подалеку, останатите органи, општините, јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, изјави Николовски.
Во целиот процес на превенирање и откривање на корупцијата, посочи тој, потребна е ефикасна и професионална администрација, на што во следните четири години ќе посветиме сериозно внимание.
– Не можеме да очекуваме напредок ако вистинските луѓе не дојдат на вистински позиции, нагласи Николовски.
J. Ѓ.