Не ги знам деталите од туристичката понуда да се оди по патеката на Атиџе во „Ханиленд”, но никако не ја сметам за штетен капиталистички изум, доколку е во согласност со природата и доколку Атиџе, но и сите ние имаме “ќар” од неа, пишува Синоличка Трпкова.
„Ќар е средба со луѓе во природа, и нивна едукација за тоа како изгледа животот таму и зошто е важно да се чува природата. Не се сомневам дека и таа ќе добие за возврат некаква компензација.
Да се соживееш со таа хероина е и целта на филмот. Секако дека има профит од тоа, но е доста креативна идеја (ако навистина се спроведува без да се прави штета). Воедно сметам дека ова е прв пример за филмски туризам во нашата земја, тема која е многу интересна и која ги поттикнува љубителите на филмови да влезат во чевлите на омилените ликови. Во Англија од филмскиот туризам живеат огромен број луѓе. Ако е обмислен, поучен и забавен, станува непроценливо искуство за луѓето. Креативноста и преземањето иницијатива сами по себе се начин за инволвирање на луѓе и идеи кои ќе помогнат во подобрување на економијата на умен начин. Најлесно е да не се прави ништо и да се критикува секој што прави.“, пишува на ФБ Синоличка Трпкова.
Магистерската работа на Синоличка Трпкова „Филмскиот туризам нов туристички феномен“, е токму за темата на која што таа пишува во постот. Трудот може да го погледнете, ТУКА.
Во понудата на Групер, стои дека Enjoy Balkans ве води на Патот на Атиџе Муратова! 17% попуст на пакет аранжман кој вклучува пешачка тура по патот на Атиџе Муратова, последната жена во Европа која одгледува диви пчели во карпест предел.
„Во дворот на нашата домаќинка ќе бидете послужени со турско кафе, подготвено на традиционален начин и тука започнува дружбата со Атиџе, при што ќе имате можност одблизу да се запознаете со неа и нејзиниот начин на живот, преку песна и убава мисла да ја осетите нејзината добронамерна животна цел. Откако ќе го испиете кафето, ќе имате можност да дознаете нешто повеќе за вашата иднина, преку гледањето и гатањето на филџанот од страна на нашата домаќинка. Веднаш потоа, ќе имаме мало изненадување од нашата хероина“, стои во понудата.
Мислењата во јавноста околу оваа понуда на Групер во која е инволвирана и Атиџе Муратова, хероината од филмот „Медена земја“, се поделени.
Ј. Ѓ.