пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Пред 2 години, на 30 септември, големо мнозинство на гласачи од сите народи излегоа на консултативниот референдум и избраа евроатланска иднина. Остварија трет најдобар гласачки резултат во Македонија на сите времиња.
Другиот дел од граѓаните, повикани што јавно што тајно од главната опозициска партија и други партии и партиички од универзумот на мвро и антизападните центри на моќ, избраа да останат дома и да бојкотираат учество во одлучувањето за сопствената иднина.
Тие што одлучија да излезат на референдумот и да учествуваат во одлучување за сопствената иднина беа околу 650.000. Тие што бојкотираа, иако неизбројани, тврдеа дека се 1 милион.
Но, кој колку тежи во гласови, покажаа два изборни натпревари што следуваа во годините потоа, Претседателските избори во 2019, и Парламентарните во 2020. И во двата, повторно главна тема беше името и изборот меѓу иднината и минатото. Така што споредбите на гласовите се апсолутно валидни и релевантни.
Бројот на гласови за партиите кои повикаа на гласање на референдумот, ако се земе заедно, е далеку поголем од оние што повикуваа на бојкот, тврдеа дека народот е на нивна страна, а потоа изгубија два изборни циклуси по ред.
СДСМ и неговата коалиција, ДУИ, Беса, Алтернатива, Алијанса… во разни комбинации, победија и на претседателските и на парламентарните избори. Пендаровски со оваа поддршка во вториот круг ја декласираше Силјановска, а бројот на пратеници на последните избори за овие партии е 74.
Од друга страна, и во двата случаи, оние што не излегоа на референдумот, сите партии да ги собереш заедно, и ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Интегра, Бачев, Солза Грчева…не собраа повеќе од 400.000 гласови. нивниот претседателски кандидат изгуби, а на избори освоија вкупно 46 пратеници.
Ништо од милионот, што би рекла Лила. И покрај далеку пожестоките критики кон сегашната власт, оркестрираните хибридни напади, пропаганда, лажни вести, разочарувања поради болните компромиси, грешките, разните џокери и „помош од пријателите“ однадвор… резултатот е два порази на оние што сакаа да останеме привремени, да се влечкаме по светот како „ФИРОМ“, да се задржи статус-квото и темниот вилает на крими-политиката.
Северна Македонија е денес членка на НАТО, со потврдена одлука за почеток на преговори со ЕУ, со недопрен етнички идентитет и јазик на најголемата етничка заедница, македонскиот народ. Големо мнозинство граѓани на Северна Македонија од сите припадности, наместо живеење во минатото, избраа иднина, градење сојузи и пријателства и културен натпревар со другите народи.
Таква одлука е одлика на зрели, рационални, одговорни граѓани, не само кон себе и своите најблиски, туку и кон генерациите што допрва ќе дојдат. Тоа е главниот доказ дека нашите надежи дека таква наскоро ќе ни стане и целата држава – не се пусти сништа, туку работи кои се остварливи и реални. Ама, не барале молитва, туку мотика.
Честитки за сите кои одеа и одат по патот на иднината. Следната станица на тој пат е Европа. Живели!
#SledeTene
#ZaednoSmePosilni
#ProximaStacionEU