Европската комисија утре попладне ќе го објави годишниот извештај за Северна Македонија. Во документот, кој претходно ќе се разгледува на ниво на Колеџ на комесари (неделна седница на Европската комисија), се содржани оценките на Брисел за постигнувањата на земјава во спроведувањето на реформите во изминатата година.
Веќе наредниот ден – среда, еврокомесарот за проширување доаѓа во земјава. Според информациите на „360 степени“, станува збор за неколкучасовен престој на Оливер Вархеји во Скопје.
Во текот на посетата е предвидено еврокомесарот да се сретне со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и со надлежните министри во Владата.
Очекувањата во земјава, но и во Европската комисија, како и кај дел од влијателните земји членки, како Германија, која е претседавач со Советот на ЕУ, се дека во декември ќе се одржи првата меѓувладина конференција меѓу земјава и ЕУ, што ќе значи и де факто почеток на преговорите за членство.