Доктор Александар Стојанов, директор на ЦЈЗ Скопје и член на Комисијата за заразни болести за ,,Слободен печат” вели дека среќа во несреќа е што најголем број на новозаразените изминатата недела се од помладата возрасна група која без симптоми или полесно го поминува вирусот, меѓутоа дека новиот корона бран е резултат на групирања, свадби и непочитување на мерките.
Засега, според доктор Стојанов болниците не се преполни, меѓутоа мора сите граѓани да помогнат болниците да не се наполнат зашто тогаш смртноста драстично ќе се зголеми.
-Имало 1000 свадби во септември во Македонија. Тие не беа никогаш дозволени. Не може да дозволуваме концерти, свирки, забави, да се оди од маса до маса да се свири на уво. Во комбињата за јавен превоз особено во западна Македонија наместо 30 души, треба да се возат по 10 души. И таму не се носи маска, а на возачите не им се исплаќа економски да ги почитуваат протоколите. Ништо не се почитува, ниту еден протокол и ова е резултатот. Комисијата за заразни болести секојдневно трпи притисоци од разни економски субјекти да дозволи собири и функционирање на бизниси кои во цел свет се сметаат за ризични за ширењето на заразната болест. Јас ги разбирам и нив, дека се во тешка економска состојба, меѓутоа ние не сме Комисија за економија, туку комисија која мора да се грижи за јавното здравје, изјави доктор Стојанов во интервју за Слободен печат.