Министер за транспорт и врски Благој Бочварски, директорката на МЕПСО Ева Шуклева и градоначалникот на Струмица Коста Јаневски денеска извршија увид во реконструкција на трафостаницата Струмица 2.
– Денеска направивме увид во работите на реконструкција на трафостаницата Струмица 2, каде што МЕПСО инвестира околу 650.000 евра за подигнување на капацитетите за подобар и постабилен електричен систем. Претходно беше реконструирана и другата станица, Струмица 1. Овие трафостаници се поврзани со таа во Сушица, Валандово па се до границата со Бугарија. Овие инвестиции ги поздравувам, рече Бочварски.
Тој и се заблагодари на директорката Шуклева и на целиот тим на МЕПСО кои работат на подобрување на енергетскиот систем.
– Инвестициите во државата, секако, би дошле доколку имаме стабилност, добра инфраструктура и добар енергетски систем, нагласи Бочварски.
При денешната посета на општина Струмица, министерот Бочварски оствари и работна средба со градоначалникот Коста Јаневски на која разговараа за примената на новиот Закон за урбанистичко планирање и Правилникот за урбанистичко планирање.
„На средбата со градоначалникот Јаневски и останатите претставници на општината ги отворивме прашањата за примената на новиот Закон за урбанистичко планирање, а исто така разговаравме и за сите значајни проекти што се реализираат во Струмица и околината меѓу кои и проектот за санација на локални патишта и улици, како и за потребата од нови инвестиции кои дополнително би придонеле за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и би овозможиле локален економски раст“ – изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.