Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска се сретна со градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски на која разговараа за досегашните, тековните и идни проекти на општината и нивната заедничка соработка.
Министерството за труд и социјална политика во рамките на своите надлежности со Општина Гази Баба соработува на повеќе заеднички проекти како изградба на нови и реконструкција на постоечки градинки и нивно опремување со цел проширување на капацитетите за поголем опфат на деца во предучилишна возраст и обезбедување на подобри услови за престој на децата во нив.
Освен градинките, на средбата се разговараше и за можностите за подобрување и проширување на капацитетите за згрижување на стари лица, преку изградба на нови домови за грижа на стари лица. Притоа, се отвори и темата за потребата од отворање на Дневен центар за лица со попреченост, што е од исклучително значење и неопходност во секојдневното општествено живеење.
На крајот на средбата соговорниците изразија подготвеност за продлабочена соработка и во иднина на проекти и активности кои се во нивна ресорна надлежност.