„Секако ми е многу драго што преку оваа награда, наградата е за нашиот народ којшто презеде тешки предизвици, донесе храбри одлуки на еден многу внимателен европски начин со европски манири постигна големи успеси на домашен план заокружувајќи еден процес на отворени прашања меѓуетнички во државата. Денес зборуваме за граѓаните, за нивните права и обврски еднакви пред сите. Направивме сериозни реформи кои се нотирани во Европскиот извештај еве неколкукратно по ред барем последните три извештаи“ – изјави премиерот Зоран Заев во вечерашното интервју во емисијата „Клик плус“, чиј водител е Борјан Јовановски.
„Постигнавме Договор со Бугарија, покажавме европски вредности во духот на заедничката историја како подлога и база за градење на заедничка иднина, покажавме европски манири и вредности во делот на постигнувањето на Преспанскиот договор и навистина кога Европа требаше да испорача и стои зад европски вредности таа тоа не го покажува, затоа велам ова е најголем пораз за ЕУ секако претстојат уште можности за нас пред првата меѓувладина конференција во декември“ – нагласи Заев.
Тој е убеден дека треба да продолжиме да правиме напори во духот на градење пријателство, дијалог и разговор а не создавање на конфликти. Сепак, тој искажа длабоко жалење за големата неправда што ѝ се нанесува на земјава.
„Секако лично мене ми паѓа многу тешко затоа што е голема неправда тоа што се случува посебно јас лично верувам дека тоа не е желба на бугарскиот народ и на премиерот Борисов. Верувам дека тоа се политики во пресрет на избори веројатно поттикнати во едно вакво светло, но еве да дадеме шанса и на следните денови кои претстојат пред нас затоа што постојат уште можности“ – изјави Заев.
„Гледате дека денес одлуката буквално се одложи на преговорите и се остави простор сé до декември додека постојат можности за одржување на првата меѓувладина конференција, но не е својствено Европа преку своите лидери, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, потпретседателот на ЕК, Лајчак кој е задолжен за Западен Балкан, бившиот премиер на Грција, мојот добар пријател Ципрас, министерот за надворешни работи Хајко Мас да кажуваа вакви зборови за Зоран Заев, а се однесува на нашиот народ и еве денес веќе да немаме придржување кон тие европски вредности од таа Европа која што треба да нè мотивира, да тежнееме кон европските вредности, да испорачаме нешто кое навистина претставува унапредување на европските вредности“ – рече премиерот со критички тон.
Во секој случај, Заев му дава предност на разумното однесување. „Можеме многу лесно да се удираме во градите, да покажуваме секако вид на манири и слично, но нашата намера е да бидеме рационални и да го придвижиме очекувањето на нашиот народ да чекориме и понатаму кон ЕУ.“
Заев ги истакна и успесите на Северна Македонија. „Успеавме многу, денес сме членка на НАТО, имаме едногласна одлука за почеток на преговорите во март оваа година. Еве сега, на неколку месеци, може да не добиеме зелено светло поради една членка земја на ЕУ а тоа е Бугарија.“
И покрај сé, како што открива Заев, контактите меѓу двете земји продолжуваат: „И јас со Борисов, и нашите МНР и министерот за европски прашања од друга страна, министерката Захариева, и потпретседателот на Владата и МО Каракачанов, и нивните тимови – продолжуваме со работа на изнаоѓање решенија. Секако, поради потрагата по решението, остануваме на принципите кои се важни, а тоа е тие да водат грижа за нас и нашите позиции, ние да водиме грижа за нив и нивните позиции и низ духот на пријателството, тоа да го постигнеме.“