Неформалната активистичка група “Штип Aрт Aктивизам” денес спроведе акција на тема “Децата заслужуваат повеќе“.
„Инсталацијата “Децата заслужуваат повеќе“ има едукативен, а воедно и забавен карактер за децата да можат да научат повеќе за животните. Но најмногу ќе има за задача да им покаже на граѓаните, носителите на одлуки и локалните власти дека постои недостаток на вакви игралишта и зелени површини и дека децата заслужуваат повеќе внимание со поубави простори за релаксација и едукација, особено на најранливите дечиња.“ истакнаа активистите
Инсталацијата се состои од четири животни изработени по калап од цемент и обоени во оригинални бои – жирафа, желка, нилски коњ и мече. На сите животни освен објаснување на македонски и англиски има и објаснување со брајова азбука за да можат децата со проблеми со видот да научат нешто за животните. За изработка на животните биле ангажирани професионалци и уметници.
За спроведувањето на активностите биле спроведени претходни истражувања и биле контактирани дефектолози, уметници, активисти, претставници на здружението “Сплотени срца “ од Штип, здружение на родители на деца кои се соочуваат со потешкотии во развојот.
„Особен придонес за спроведување и создавање на оваа инсталација има претседателот на здружението “Сплотени срца” , Зоран Мијалков. Тој даде значаен поглед на специфичните потреби на децата и на тоа како може да се задоволат потребите за безбедност, но и за забава“ истакнаа од организацијата.